Антиќ со „потписот“ за Вучиќ ги прекрши Статусот на КФМ и - Законот за спорт!? (ФОТО)

Предводникот на македонската кошарка, Перо Антиќ, денеска се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако неочекувано се појави во српските медиуми како потпишува документ со кој официјално дава поддршка за изборната листа на Александар Вучиќ пред претстојните парламентарни избори кај нашиот северен сосед.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Ова и не би било некоја посебна вест, ако не станува збор за претседател на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), кој со политичкото ангажирање без разлика што тоа не е во матичната држава, ги прекршува не само моралните и етичките норми, туку и највисокиот акт на организацијата што ја предводи како и на највисокиот спортски акт во нашата држава. Уште во првиот член на Статутот на КФМ децидно стои дека:

„Федерацијата е деполитизирана и забранува делување на политички партии во своите редови, за постигнување на политички цели и интереси“.

Колку и да општо формулиран овој член, сепак, јасно кажува дека на политиката ѝ нема место во Куќата на кошарката, а со тоа и на директното и јавното политичко дејствување на нејзините членови, а Антиќ е „лицето и огледалото“ на макбаскетот на домашна и меѓународна сцена. Член кој забранува мешање на политиката во спортот, односно во сите субјекти кои се регистрирани за вршење спортска дејност, каква што дефинитивно е КФМ. има и во македонскиот Закон за спорт (ЗС).

„Во здруженијата и другите правни лица кои вршат дејност спорт се забранува политичко и верско организирање и ДЕЈСТВУВАЊЕ.“, се вели во членот 4 од ЗС.

Антиќ и покрај тоа што во неговиот прв мандат репрезентативната кошарка продолжи да товори на европското дно, младинските селекции најчесто да ни се второлигаши, а прволигашката конкуренција од година во година се полоша во лига без спонзори и најчесто основни услови за игра, пред неколку месеци повторно беше избран за предводник на макбаскетот. Неговото пријателство со македонските, но и со политичарите од регионот и соседството никогаш досега не било спорно ниту проблематично, но ова е првпат тој јавно и официјално да се вклучи во политички процес и тоа во пресрет на избори, макар тоа било во соседна земја.