Перо Антиќ стана една од најекспонираните ѕвезди во кампањата на Вучиќ (ВИДЕО)
Неодамна СПОРТ1 пишуваше дека со поддршката што ја дава на политички фактори во Србија, тој го прекршува Статутот на Федерацијата, но и тоа не е пречка првиот човек на македонската кошарка да го продолжи својот политички ангажман. Дури, на вчерашниот митинг на Српската напредна странка во Врање, Антиќ лично беше присутен, па и пофален од претседателот на Србија, Александар Вучиќ за поддршката што ја дава на владејачката партија кај нашиот северен сосед. Антиќ не само што не го крие тоа, туку јавно го истакнува на социјалните мрежи каде го објави моментот кога добива комплименти од Вучиќ.
„Сакам посебно да му се заблагодарам на еден гостин овде, тоа е легендарниот македонски и српски кошаркар Перо Антиќ. Да ви кажам, Перо е човек кој никогаш не избегал од мегданот и никогаш не се срамел ни од својата држава, ни од својот народ и му благодарам што е вечерва со нас бидејќи неговата поддршка многу ни значи. Се надевам дека секогаш ќе биде со нас, исто како што ние секогаш ќе бидеме со него“, рече Вучиќ.
Пред два месеца, Антиќ во Скопје му подари на Вучиќ патики со српското знаме, а на почетокот на ноември, потпиша поддршка за СНС пред стартот на предизборната кампања.