Антиќ мандатот го добил со гласови од кумови, братучед, вработени, дури и од – својот татко!

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), Перо Антиќ, за задутре (среда) го закажа Редовното собрание на Куќата на кошарката, на кое ќе даде отчет за работата и за потрошениот буџет во износ од 2,1 милиони евра, за што сите клубови добија материјали за работа, меѓу кои беше и записникот од собирот од пред речиси две години.

Ова е првпат толку доцна да се доставува овој документ до членките, но кога ќе се разгледа тогаш станува и јасно зошто досега се држел во тајност. Тоа е записник од Собранието на КФМ одржано во март 2023 година, кога Антиќ го доби вториот претседателски мандат со гласови од сите присутни. Од сегашна гледна точка тоа и не е некакво изненадување, особено ако детално се разгледаат имињата на присутните односно претставниците на клубовите-членки на највисокиот орган во македонската кошарка.

Анализата покажува дека Антиќ до својот реизбор дошол со гласови од познати лица, кои само биле ставени како претставници со клубови со кои во реалноста немаат никаква допирна точка. Ова е главна тема за разговор во изминативе денови во кошаркарските кулоари, каде што ретко кој може да најде оправдување за ваквиот непотизам, односно осигурување дека работите ќе минат како што треба односно дека ќе се гласа без изненадувања. Така, меѓу гласачите се кумовите односно кумашинот на претседателот на КФМ, негов братучед, речиси сите вработени во Куќата на кошарката вклучувајќи го и генералниот секретар и спортскиот директор, па дури и неговиот – татко (види фотографии).

Ова значи дека повеќе од една третина од членките на Собранието се во директна врска со Антиќ, нешто што можеби не е незаконито, но дефинитивно е надвор од сите морални и етички норми. Единствен исклучот од делот на (не)законското гласање е генералниот секретар Владимир Георгиевски, кој со учеството на Собранието како претставник на МКК Куманово го прекршил Статутот на КФМ, според кој (точка 60) е забрането тој да биде член на органите на Федерацијата.

Ваквиот дрзок начин за прекршување на моралното и етичкото, но и фактот што македонската кошарка изминативе шест години не мрдна ниту милиметар напред, без разлика на добиената сала на користење и буџетот од два милиони евра речиси секоја година, е причина што се споменува можност за евентуална промена на кормилото на КФМ на Собранието закажано за задутре. Официјално во дневниот ред нема предвидено таква можност, но тоа во минатото не било пречка за рушење на власта. Особено со ужасните резултати како на сегашната предводена од Антиќ.