„Јадевме скапана храна, работевме во пекол, од КФМ ни се закануваа и пак - освоивме злато!“
Тоа беа јуниорските репрезентативци предводени од селекторот Горан Андреевски, кои со максимален скор 8-0 буквално се прошетаа на првенството во Скопје и ги стоплија срцата на спортските вљубеници, кои во тие денови заборавија на сите проблеми и маки и навиваа сплотено за хероите во црвено-црна опрема.
„Гледано од денешна перспектива, остваривме феноменален резултат, иако никој не веруваше дека сме кадарни за такво нешто. Вниманието беше насочено кон кадетите, а ние некако бевме тргнати на страна. Ќеиф ми е за момците, кои и претходно имаа собирано меѓународно искуство и покажуваа квалитет, но сега добија шанса тоа да го сторат пред домашната јавноста, која адекватно им се поклони. По мене дури седуммина од нив би можеле да играат веднаш во нашата Прва лига, но тренерите не секогаш им веруваат на младите сили и тоа е проблем“, го почна разговорот селекторото Андреевски.
Но, погледот од надвор секогаш дава една, ама тој од внатре сосема поинаква и редовно полоша слика. Така е и во случајот на селекцијата на момчињата до 18 години, кои барем за момент нѐ вратија во едни романтични времиња кога кошарката беше спорт број еден и кога плоштадот беше „дупка полн“ со тие што сакаа да ги поздрават своите идоли. Малкумина знаат дека до големиот успех дојдоа и покрај лошите услови кои им беа овозможени од Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и проблемите кои им ги правеа луѓето вработени во неа.
„Не ми е јасно зошто иако како домаќини можевме да избираме, цело време трениравме и најголемиот дел од средбите ги игравме во Кале, каде што климата не постигнуваше и беше 'милион степени' што дополнително ги исцрпуваше кошаркарите. За разлика од 'Борис Трајковски', која беше целосно климатизирана и каде што ќе имавме врвни услови. Но, некој како да сакал да немаме добри услови и дека треба да се потиме во пеколот. А, можевме да бираме и место и термин кога ќе играме. Истото се однесува и за хотелот во кој бевме сместени за време од првенството – од трите понудени некој ја смести Македонија во убедливо најлошиот. А организатори беа луѓето од КФМ. Зошто тоа беше така – не знам“, дополни предводникот на националниот тим.
Нашите момци не само што биле сместени во најлошиот од трите хотели, тие, според селекторот, како храна потребна за опоравување по силните тренинзи не го добивале тоа што било барано. Напротив!
„Уште не ми е јасно зошто нѐ сместија во најлошиот хотел, каде што храната беше ужасна. На мојата реакција до КФМ ми рекоа да не се грижам и дека сѐ ќе се среди, ама остана само на празни зборови. Тоа што најважно за млади момчиња во тренажен процес, како месо, зеленчук и овошје, како и да го немаше. Слободно тврдам дека нашите кошаркари за зеленчук и овошје ги добиваа скапаниците, да не кажам ѓубрето што останува на пазарите на крај од работниот ден“, искрен е Андреевски.
Гледано од оваа перспектива, каков ви беше односот со луѓето од КФМ, чија основна задача е да обезбедат идеални услови на националните тимови за што, всушност, добиваат големи пари од државата.
„Со првиот човек најблаго кажано имав коректен однос, додека со сите останати беше на многу ниско, па дури и понижувачко ниво. Најголеми притисоци имав од спортскиот директор Марјан Србиновски, кој се мешаше буквално во сѐ. Ништо не можеше да помине во репрезентациите, а да нема негов амин. Тој се противеше на моето именување на селектор, но не успеа да го спречи тоа. Затоа уште од самиот почеток имавме притисоци за одредени деца кои мораа да бидат на списокот со негова наредба. Дури имав и наредба дека мора да земем двајца играчи да тренираат со нас на стартот од подготовките. Потоа имавме и други поситни притисоци, за кулминација на неговото самоволие да дојде за време на престојот во Негорски бањи, каде што еден од нашите плејмејкери беше повреден и јас сакав да го сочувам и да не настапи на турнирот во Гевгелија. Но, тоа не беше мислење на Србиновски, кој потоа на дрзок начин ми објасни дека играчот е проект на федерација и дека тој мора да игра. Дури ми се закани со зборовите 'Дали сакаш да ти дојдам сега таму, па да видиш што ќе биде'. Јас не го послушав бидејќи не сакав да ризикувам со него на пријателска средба, што во пракса мојата одлука се покажа исправна. Но, не можев да преминам преку таквиот безобразен однос на директорот, недоличен за него, но и за тој што го ставил на функција“, разочарано вели селекторот.
Дали побаравте заштита од првиот човек Перо Антиќ?
„Веднаш по овој инцидент му напишав мејл на претседателот Антиќ за сите притисоци што ги имав од директорот Србиновски, но не наидов на некое посебно разбирање“, разочарано вели творецот на најголемиот успех во младинска конкуренција во последните две децении.
Дали како селектор и стручен штаб ви беше обезбедено сѐ што побаравте пред почетокот на ЕП?
„Побарав да имам четворица помошници, но ми беше кажано дека може да добијам само двајца, иако јас најдов тренери кои бесплатно би им помагале на играчите за да дојдат до целта. Во старт ми беше кажано дека едниот асистент го бирам самиот, а вториот тие ќе ми го одберат На крајот дури и тој што го избрав јас не сакаа да го стават во тимот на посакуваната функција поради лични причини, само за да биде нарушен нашиот концепт. Потоа имавме проблеми со термините на тренинзите, неретко се случуваше курцшлус па две селекции да дојдат да тренираат во исто време, па едната да мора да чека. И уште многу вакви детски работи недолични за федерација што сака добар резултат“, искрен е Андреевски.
Дали селекцијата цело време беше заедно за време на подготовките во своевиден карантин, неопходен ако се сака добар резултат.
„Такво нешто немаше. Играчите од Скопје си седеа дома и немавме никаква контрола врз нив, а тие од внатрешноста, како што ми кажаа, ги немале потребните услови. Местото каде што престојувале се наоѓало далеку од салата, поради што тие биле приморани да пешачат по цел час во секој правец пред и после секој тренинг, што нормално влијаеше врз нивното целокупно здравје особено што во тој период надвор температурата беше 45 степени. Никој од КФМ не ми даде одговор зошто сите не бевме карантински во истиот хотел каде што бевме сместени на ЕП, што беше ептен логично и во прилог на добар резултат“, потенцира селекторот.
Тој потенцира примерот со настапот на турнирот во Романија, каде што биле испратени буквално без пари.
„На два дена патување и секако играње средби бевме испратени со вкупно 300 евра. А, бевме 20 луѓе. Збориме за пат со автобус, потреби за по пат и за работи за освежување надвор од обезбеденото од домаќинот. Не ни се веруваше. Ај, некако издржавме. Го одигравме вториот меч и се вративме да вечераме пред тргнувањето во Скопје. Добивме две мали поховани кашкавалчиња и по десетина компирчиња. За момци од 18 години кои претходно се исцрпиле од трчање, што беше само кулминација бидејќи храната во хотелот беше катастрофа. Веднаш се јавив во КФМ да реагирам, по што ми се јави директорот Србиновски, кој ноншалантно ми рече ако имам мои пари да им купам нешто на играчите, па они ќе ми ги рефундирале. Ако не, да си се враќаме така гладни.
Вакви и слични примери има и за време на ЕП, каде што само македонските кошаркари немале дополнение на исхраната потребна за добри резултати, само затоа што директорот Србиновски воопшто не се појавувал во хотелот, барем така било на почетокот според тврдењата на селекторот Андреевски.
Ваквиот шалабајзерски однос на КФМ и на луѓето именувани од Перо Антиќ и тоа за огромни плати за македонски услови не ги спречи момците предводени од Андреевски да ги совладаат Ирска (73-63), БиХ (99-87), Чешка (94-86), Кипар (102-61), Украина (83-72), Португалија (71-42), Бугарија (92-68) и Австрија (98-88) во големото финале за златниот медал во дивизијата Б.