Велшаните „плачат“ поради жолтиот картон на Ампаду: Не го ни допре ривалот!

Велс славеше со 1-0 против Лихтенштајн во седмото квалификациско коло за Светското првенство (СП), но ги загуби капитенот Итан Ампаду и Џордан Џејмс, кои добија жолти картони на мечот.

Ампаду е суспендиран за дуелот против Македонија во Кардиф, кој ќе биде решавачки во борбата за втората позиција во групата од квалификациите, но капитенот на Велс смета дека незаслужено бил санкциониран.

„Разочаран сум. Се нервирам затоа што не го допрев ривалот и ја освоив топката. Ни требаше победа и успеавме да ја добиеме. Моравме да бидеме трпеливи, имавме многу шанси“, вели Ампаду.

На негова страна застана и поранешниот капитен Ешли Вилијамс, кој кажа што мисли за одлуката на судијата.

„Мислам дека Ампаду не заслужи жолт картон. Тој тргна на топката, неговата нога беше високо крената, но исто како и таа на противникот. Мислам дека не требаше да биде досуден ниту прекршок“, вели Вилијамс.

Ниту Џејмс не беше задоволен од судиските одлуки зашто и тој доби жолт картон, а со тоа и суспензија за пресметката со Македонија.

„Вистинско разочарување е да добиете жолт картон. Не размислувате за тоа на теренот, тие беа во против-напад и јас морав да го запрам. Мислам дека имаме доволно сила за да победиме во вторник“, кажа Џејмс.

Натпреварот меѓу Велс и Македонија се игра во Кардиф на 18 ноември од 20.45 часот. 

Фото: EPA