Екипата на МЗТ Скопје по седми пат е шампион на Македонија, откако кошаркарите на овој тим, вечерва, на домашен терен, дојдоа до клучната финална победа по ред во серијата со Работнички (85-78) за чисти 3-0 во пресметката со најголемиот ривал.

Шампионскиот трофеј по 750 дена се враќа во Аеродром, откако центарци лани ја прекинаа претходната шестгодишна доминација на сино-белите од „Јане Сандански“. Многумина очекуваа полесен триумф на тимот предводен од Ѓорѓи Кочов, но веќе поранешниот првак пружи исклучително силен отпор иако настапи десеткуван, без повредените Николовски, Мираковски и Караџовски. Но, како и на претходните две средби, реши подолгата клупа и поголемата сила на аеродромци, кои натпреварот го одиграат во ист ритам како и првата средба во сезоната, иако ова им беше 68. официјален меч сезонава.

Тоа беше средба со неколку пресврти. Прв налет имаше МЗТ Скопје, кој уште во првата четвртина дојде до двоцифрена предност (26-16), но кога сите во салата веќе почнаа да размислуваат на прослава на титулата, гостите од Центар целосно се вратијаво игра. Цревено-белите од тој момент направија серија 29-11 и ја презедоа контролата и водството сѐ до крајот на полувремето кое го завршија со плус осум (54-46).

Третиот период донесе нова силна енергија од „металците“, кои многу брзо ја анулираа негативата и со серија 16-4 повторно го презедоа водството (62-58). На почетокот од последниот период дојдоа и до плус осум (71-63), но ниту тоа не донесе помалку нервоза на клупата и на трибините. Центарциот инает продолжи, па со седум поени во низа на Работнички натпреварот повторно отиде во егал-ситуација (71-70). Но, домаќинот врати со 8-0, повторно се одлепи (79-70 и до крајот не дозволи ново изненадување.

Иве Иванов со 23 поени, седум скока и седум асистенции беше најдобар во победничкиот тим, а зад него беа Лестер Медфорд со 16 поени и седум асистенции, Дамјан Стојановски со 12 и Андреј Магдевски со 11 поени. Чавдар Костов со 17 и Ѓорѓи Чековски со 17 поени беа најпрецизни кај црвено-белите.

МЗТ Скопје со овој трофеј само се зацврсти на второто место на вечната листа шампиони, зад Работнички кој има 15 шампионски славја. Третопласиран е Фени индустри со три титули, а ваков успех имаат уште и Струмица и Николоферт по еднаш.