Хаос на стартот на Ф1-викендот во Мелбурн: Возачот на Вилијамс се заби во ѕид (ВИДЕО)

Возачот на Мекларен, Ландо Норис, го имаше најдоброто време во денешниот прв слободен тренинг во пресрет на трката за Големата награда на Австралија во Мелбурн, а Шарл Леклер во Ферари беше најдобар во вториот тренинг.

Норис го постави најбрзиот круг (1:18,564 минути) на стартот од викендов, кој беше прекинат во последните 20 минути, откако возачот на Вилијамс, Александар Албон, го уништи својот болид по ударотво ѕидот на шестата кривина (види ТУКА). За одбележување е фактот што тој се удри на истото место каде што лани предвреме ја заврши оваа трка. Втор беше актуелниот светски шампион Макс Верстапен во Ред Бул со 0,018 секунди заостанување, а трет Џорџ Расел во Мерцедес.

На вториот тренинг, Леклер извозе круг за 1:17,277 секунди, односно за 0,381 секунди побрзо од Верстапен. Карлос Саинз успешно се врати на своето тркачко седиште во Ферари и тоа две недели по операцијата на слепо црево, поставувајќи го третиот најбрз круг на вториот слободен тренинг, откако заврши осми на стартниот тест.

Третиот тренинг ќе се одржи во ноќта помеѓу петок и сабота, квалификациите се закажани за сабота во шест часот наутро, а трката за Големата награда на Австралија в недела со почеток во пет часот наутро по средно-европско време.