Алонсо ќе се повлече од Ф1 во 2021 година!

Намерно или по грешка, Фернандо Алонсо соопшто дека нема да биде во Формула 1 во 2021 година.

По квалификациите во Хокенхајм, Шпанецот од Мекларен имаше интервју за еден од специјализираните Ф1-портали („Гран-при тудеј“) и рече дека нема да вози во 2021 година. Конкретната ситуација беше всушност прашање кон него за големите промени кои го очекуваат спортов во 2021 година

„Не знам и, да бидам искрен, не ми е ни многу гајле за промените, јас нема да бидам тука во 2021 година. Многу повеќе сум загрижен за проблемот кој го видовме кога никој немаше на патеката поради дожд, а 50.000 гледачи гледаа во ништо“, рече Алонсо

Неговиот коментар се однесуваше на третиот тренинг, во саботата претпладне, кога поради дожд сите болиди се повлекоа во гаражите и околу половина час имаше мртвило на Хокенхајм. Алонсо вчера заврши на 11. место на квалификациите и ќе се обиде да откине уште некој бод и додаде на 40-те кои ги има засега, на осмото место во генералниот пласман.

Тој неодамна победи на трката 24 часа Ле Ман, со што комплетира две победи од големото тројство во светот на автомобилизмот. Му преостанува уште трката Индијанаполис 500, а тој најави атак и на неа.

Не е потполно јасно дали најавеново повлекување е конкретно за сезоната 2021, кога ќе наполни 40 години или, пак, уште од 2020.