Време е за финале, Европа ќе добие нов шампион - ПСЖ или Интер?

Денеска со почеток од 21 часот на Алијанц арената во Минхен се игра финалето од Лигата на шампионите, за големиот пехар се борат Интер и ПСЖ.

Со спектаклот во Минхен се спушта завесата на фудбалската сезона во Европа, остана уште една непозната, кој ќе го освои најпрестижниот трофеј во клупските натпреварувања, пехарот од Лигата на шампионите.

ПСЖ и Интер стигнаа до финалето, а тоа значи дека Европа ќе добие нов шампион. Според обложувалниците францускиот тим е благ фаворит во овој дуел.

Тимот на Луис Енрике во првата сезона без Килијан Мбапе покажа хомогена игра, тимски дух, стана многу подобар тим отколку што беше кога во него беа ѕвездите. На ПСЖ конечно му „светна“ дека победнички тим се гради со мотивирани фудбалери кои силно работат на теренот и надвор од него, а не истрошени ѕверки со големо его.

ПСЖ покажа мускули на патот до финалето откако ги победи сите англиски екипи, сега имаат поинаков противник, тим кој знае да биде тактички многу мудар и исклучително тежок за победување.

Интер во еден момент од сезоната атакуваше на тројна круна, но во меѓувреме не го освои нути Скудетото, ниту италијанскиот куп, па единствена шанса за трофеј им остана најголемиот, овој од Лигата на шампионите.

Симоне Инзаги се покажа како одличен стратег, за три години двапати го однесе Интер во финалето од Лигата на шампионите, сега сака да го направи и завршниот чекор, да го качи на тронот.

Финалето ќе го суди Иштван Ковач од Романија. Тој ќе стане првиот судија во историјата кој ги судел финалињата на сите три натпреварувања на УЕФА, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига.

Интересен е фактот дека во финалињата од Лига Европа и Конференциската лига кога тој судеше, трофејот го освојуваше италијанска екипа. Во ЛЕ триумфираше Аталанта, а во КЛ победи Рома.

Фото: УЕФА