Во Арсенал се ептен самоуверени – најавија освојување на Лигата на шампионите!

Екипата на Арсенал вечерва го пречекува ПСЖ (21 часот) во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите, со јасна амбиција - освојување на најголемиот европски клупски трофеј.

Францускиот репрезентативец и дефанзивец на Арсенал, Вилијам Салиба, отворено изјави дека триумф во ова натпреварување е крајната цел на сите во клубот.

„Сè оди добро, но ни требаат трофеи, големи трофеи. По тоа ќе ве паметат за 20 години“, порача Салиба.

Арсенал и ПСЖ се среќаваат по вторпат оваа сезона, откако „топчиите“ славеа со 2-0 во групната фаза. Тимот на Микел Артета во четвртфиналето ја декласираше Реал Мадрид со вкупни 5-1 и остана непоразен во последните 17 натпревари на домашен терен во европските купови. Артета, кој како играч има настапувано и за ПСЖ, смета дека клучен ќе биде внимателниот пристап:

„Во Европа, реваншите често се хаотични. Мораме да учиме од тие ситуации и да ги искористиме нашите предности“, изјави шпанскиот стратег.

ПСЖ, кој неодамна предвреме ја обезбеди титулата во Франција, има одличен биланс против англиски екипи сезонава – го елиминира Ливерпул во осминафиналето и Астон Вила во четвртфиналето. Тренерот Луис Енрике вели дека нема да прават драстични тактички промени.

„Ливерпул има потенцијал еднаков, ако не и поголем од Арсенал. Ќе останеме верни на нашиот пристап, но мора да бидеме конкурентни во секој сегмент“, потенцира Енрике.

Арсенал и ПСЖ досега се сретнале пет пати во европските купови. Французите сè уште немаат победа – две победи за Арсенал и три ремија, со вкупна гол разлика 7-4 во корист на англискиот тим. „Топчиите“ вечерва ќе бидат без неколку важни играчи - повредени се Габриел, Жезус, Хаверц, Томијацу и Калафиори, а Парти и Жоржињо се суспендирани. Парижаните, пак, во Лондон пристигнуваат по 12 натпревари без пораз во сите натпреварувања, но со пораз од Ница во последното коло од француското првенство – прв сезонава по 24 победи и шест ремија.