
Комити собраа 12.000 евра за помош на настраданите во трагедијата во Кочани!
„Трагедијата во Кочани никогаш не смее да се заборави, ниту да се повтори! Во овој момент, најважно е да се помогне на семејствата на настраданите, на сите кои се уште ја водат најважната борба“, порачаа од групата.
Хуманитарните активности вклучувале директна посета на Државната болница во Скопје, каде биле донирани храна, вода и парична помош во износ од 17.000 денари, како и собирање средства на спортски настани. На натпреварот против РК Алкалоид биле собрани 39.600 денари, а на натпреварот против Црвена Звезда вкупно 378.600 денари. Дополнително, од кутиите поставени пред стадионот беа собрани 100.000 денари, кои беа донирани на семејството на Сара Пројковска, вокалот на групата ДНК, која трагично го загуби животот во несреќата. Особено значаен придонес дојде и од подгрупата Комити Драчево, која обезбеди 200.000 денари директна помош.
„Комити Запад секогаш ќе бидат со народот и за народот. Нашата мила Македонија нѐ одгледала, за да ја браниме“, се завршува во објавата, со која групата упати поддршка и повик за заедништво.
Комити и со оваа акција уште еднаш покажаа дека нивната улога не завршува на трибините, туку продолжува таму каде што е најпотребно – меѓу народот.