Илиевски ќе го води Пелистер до крајот на сезоната: Веруваме во камбек!

Екипата на Пелистер по двата порази во Скопје се раздели со српскиот стратег Ненад Трајковиќ, а тимот до крајот на сезоната ќе биде предводен од Дејан Илиевски, потврди денеска битолскиот клуб.

Илиевски долго време е дел од стручниот штаб на КК Пелистер, а сега добива можност да го предводи тимот како тренер.

„Секако дека за мене е чест што ќе бидам шеф на стручниот штаб на Пелистер најпрвин на утрешниот, а се надевам на победа, па и на наредните натпревари. Го имам водено Пелистер на неколку средби во кои тогашниот тренер Марјан Илиевски поради болест не можеше да биде со тимот, така што имам и ваков вид на искуство, заедно со бројните натпревари во овој стручен штаб, но и како самостоен тренер во младинската и во кадетската конкуренција. Честа е голема, но и обврската, ќе сторам се за да ја оправдам довербата и верувам дека можеме до победа утре, со што би си го намалиле притисокот и би можеле да влеземе уште поквалитетно во идните натпревари“, вели Илиевски.

Утре Пелистер го очекува третиот натпревар од серијата против Работнички во која клубот од Битола има негатива од 2-0.

„Секако дека веруваме во камбек, тоа е составен дел од спортот, а кога играте дома, пред навивачи како нашите, нормално дека очекувате да победите. Работнички е тим што поседува квалитет, ривал што го почитувам, но верувам дека ако одиграме во рамките на нашите можности ќе славиме в среда. Резултатот е 0-2, но ние не гледаме далеку, фокусирани сме само на утрешниот натпревар, да славиме и да ја преполовиме негативата, потоа ќе мислиме на се што ќе следи“, порачува новиот тренер на „пелистерци“, истакна Илиевски.

Натпреварот против Работнички е закажан за во терминот од 19:00 часот.

Фото: КК Пелистер (Фејсбук)