
Одлучи раниот гол на Дембеле, ПСЖ на чекор од големото финале (ВИДЕО)
„Светците“ триумфираа со 1-0 на Емирејтс и идната среда на домашен терен треба да го заверат пласманот во големото финале, вторпат во својата историја. Одлучи раниот гол кој во четвртата минута го постигна Усман Дембеле на асистенција на Квича Кварацкелија.
На почетокот од второто полувреме Микел Мерино постигна гол за Арсенал, но по интервенција од ВАР собата, погодокот беше поништен. ПСЖ во финишот имаше две шанси можеби уште вечерва да ги реши сите дилеми околу патникот во финалето, но прво Баркола по двојното додавање со Рамос шутираше покрај голот, а минута подоцна Рамос ја погоди пречката од голот на Арсенал. За волја на вистината и „топчиите“ имаа свои прилики, но Донарума се истакна со неколку интервенции.
Вториот полуфинален натпревар се игра утре од 21 часот кога на Монжуик ќе се сретнат Барселона и Интер.