Ужасните Англичани ремизираа со Данска и се пласираа во следната фаза на ЕП (ВИДЕО)

Фудбалерите на Англија одиграа уште еден разочарувачки меч на ЕП 2024, откако попладнево во Франфурт ремизираа против Данска (1-1) во дуел во кој не покажаа апсолутно ништо и во кој противникот беше далеку подобар.

Но и покрај сето ова, репрезентативците на „Гордиот Албион“ речиси обезбедија пласман во нокаут-фазата во пресрет на последното коло во кое ќе ги одмерат силите со Словенија. Данците, пак, може да жалат што не го совладаа големиот фаворит, бидејќи одиграа модерен и агресивен фудбал, особено во второто полувреме, во кое на противникот не му дозволија да врзи повеќе од две-три додавања.

Англичаните прво дојдоа во водство, откако Хари Кејн ја затресе мрежата на Каспер Шмајхел во 18. минута, додека Хјулманд со феноменален шут од преку 20 метри го изедначи резултатот во 34. минута. Ова се покажа како последно вакво возбудување на средбата, која е трета од четирите досега одиграни во групата Ц која завршува со идентичен резултат.

Англија е прва во групата со четири бодови, Данска и Словенија имаат по два, а Србија еден бод. Во последното коло на 25 јуни (вторник), Англија ќе се сретне со Словенија, а Данска ќе игра против Србија. Пласман во вториот круг сигурно обезбедуваат двете најдобри селекции, како и најдобрите четири третопласирани репрезентации од секоја група.