Јаник Синер уште денеска може да го елиминира Ѓоковиќ од Вимблдон!

Без разлика што звучи неверојатно, но моментално најдобриот играч на светот, Јаник Синер, уште денеска може да му „пресуди“ на Новак Ѓоковиќ околу одлука за настап на Вимблдон.

Србинот денеска има тренинг-меч со италијанскиот тенисер, на кој двајцата ќе играат како да е финале на гренслем, со цел да види колку може да издржи во дуелите со најдобрите по неодамнешната операција на коленото. Ждрепката за Вимблдон е закажана за утре во 11 часот, а дотогаш се очекува да биде позната одлуката на Ѓоковиќ за тоа дали ќе игра на неофицијалното светско првенство. Тој сè уште нема донесено одлука дали ќе игра, потенцирајќи дека ќе настапи само ако процени дека ќе има шанси да атакува на осмиот трофеј на лондонската трева.

„Не дојдов овде да одиграм неколку кола. Ќе играм само ако можам да дадам блиску до мојот максимум. Ќе играм навистина само ако почувствувам дека можам да го одиграм крајот на турнирот и да се борам за трофејот. Коленото е подобро, се подобрува секој ден. Терапијата оди во вистинска насока и тоа ми дава надеж“, изјави Ѓоковиќ.

Тренингот со Синер е закажан за попладнево.