Туниски репрезентативец по една година се враќа во дресот на Пелистер!

Еден од најдобрите во репрезентацијата на Тунис во последните години, Усама Хосни, по една година се враќа во таборот на Пелистер, каде што настапуваше во сезоната 2022/23.

Десниот бек лани настапуваше во Кувајт, но реши повторно да го облече зелено-белиот дрес на битолчани и да се проба во Лигата на шампионите, за која македонскиот шампион пред неколку дена доби специјална покана.

„Ни претставува особено задоволство да најавиме едно големо враќање. По само една сезона пауза, тунискиот репрезентативец Усама Хосни повторно ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер. 31-годишниот десен бек потпиша договор на една сезона и наскоро го очекуваме во Битола. Хосни го носеше дресот на Ал-Араби во сезоната 2023/24, откако со нашиот клуб ја освои титулата сезона претходно. Освен во Македонија и Кувајт, Хосни настапуваше во својата земја, во Франција и Катар“, велат од редовите на Еурофарм Пелистер.

Претставувањето на Хосни во Битола е предвидено на стартот на подготовките, на крајот од месец јули. Искусниот бек е четвртото засилување на пелистерци, откако во Битола се враќа и Никола Митревски, а нови имиња ќе бидат голманот Филип Илиќ и кружниот напаѓач Кајо Цикетиќ.