Најголемата сензација на ЕП 2024 ја направи селекторот со најмала плата!

Предводникот на Грузија, Вили Сањол, успеа на ЕП 2024 да го направи тоа што не им успеа на многу поплатените колеги, меѓу кои се селекторите на Србија и Хрватска, Драган Стојковиќ и Златко Далиќ.

Францускиот стратег прво ги одведе Грузијците до првото учество на еден континентален сопбир (по пенал-драмата со Грците), потоа го освои првиот бод на завршниот турнир (против Чешка), за на крајот од групната фаза да дојде до најголемата победа во историјата на фудбалот во оваа земја - против Португалија на Роналдо. Сето ова беше доволно да се обезбеди место во осминафиналето на ЕП каде што ќе ги одмерат силите со Шпанија.

Грузија го има и најдобриот голман на првенството, сензационалниот Мамардашвили, го имаат фудбалерот кој го постигна петтиот најбрз гол во историјата на ЕП (Хвич Кварачели), а го имаат и најдобриот стрелец по првата фаза од првенството - Ѓорѓи Микаутадзе. Сите заслуги за овие успеси на Грузијците, освен кај репрезентативците одат и на сметката на Сањол, кој од група солидни, многу добри и одлични поединци направи тим способен да се бори со секого.

И сето тоа за 200.000 евра годишно од договорот. Според официјалните податоци, Сањол е селектор со најниска плата во однос на неговите колеги кои ги водат селекциите на актуелното Европско првенство. Колку за споредба Пикси и Далиќ, кои доживеа играчко и резултатско фијаско со Србија и Хрватска, имаат годишна плата од 1,4 милиони евра годишно.

Сањол беше тренер долго време додека не дојде до својот пробив на големата сцена. Беше селектор на француската репрезентација до 20 и до 21 година, две години седеше на клупата на Бордо, беше асистент и на Анчелоти во Баерн во 2017 година, а дури им водеше и еден меч на Баварците откако Италијанецот си замина од клупа. Тоа искуство му донесе работа во Грузија во 2021 година.