Каевски не се појавил: Одложен стартот на судењето за злоупотреба на спортските ваучери!

Одложен е стартот на судењето на 12 обвинети за наводна злоупотреба на спортски ваучери кои државата преку Агенцијата за млади и спорт (АМС) неколку години наназад ги инјектира во спортот, откако на првото рочиште не се појавил првообвинетиот Дарко Каевски, поранешниот прв човек на оваа институција.

Неговиот адвокат, Петре Шилегов, го оправдал отсуството со тоа што доскорешниот пратеник бил на домашно лекување по извршен оперативен зафат на тетивата. Покрај Каевски, на обвинителна клупа ќе седнат и последниот директор на АМС пред таа да прерасне во министерство, Наумче Мојсовски, претседателот и генералниот секретар на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски и Сашо Поповски како и Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров, сите вработени во укинатаа агенција.

До обвинението дојде откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесе иницијатива до надлежниот обвинител дека постои сомнеж во начинот на доделување на спортските ваучери од страна на раководни лица од АМС. Веднаш потоа, јавниот обвинител поднесе обвинителен предлог против 12 луѓе за кривични дела „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“.

Судењето го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Лидија Раичевиќ. Првото рочиште е пролонгирано за 9 јули.