Тадиќ повторно распука по Пикси: Се почувствував повредено!

Српската фудбалска репрезентација доживеа неуспех на Европското првенство откако последна заврши во групата со Англија, Данска и Словенија и не успеа да се пласира во нокаут фазата.

Турбуленции во таборот на Србија имаше уште по првиот натпревар кога Тадиќ се побуни зошто не бил стартер. Капитенот на Србите го крена гласот и по вчерашниот меч.

„Против Англија не тргнав од почеток. Ми беше криво, но јас не сум важен. На полувремето тогаш ми рече влегувате ти и Илиќ, и кога требаше да влезам, ми рече влегува само Илиќ, а јас да одморам. Не знам, природно е да се почувствуваш повредено“, вели Тадиќ.

„Никој не сакав да навредам, мислам дека не е лошо да кажам. Можеби на некој му звучи арогантно, но сакав да ја преземам одговорноста на себе и да дадам пример на другите. Не ми беше цел ништо друго да зборувам. Другите се тука да зборуваат“.

„Мислам дека заслужив подобар третман и дека можев повеќе да дадам на екипата бидејќи сум тимски играч и сакам да му помогнам на тимот. Не сум важен во оваа приказна, важно е што носиш на теренот“.

„Да играв повеќе, мислам дека повеќе ќе дадев. Одлуката е таква. Гледам во Хрватска, Модриќ е три години постар од мене и на секој меч е на теренот, неважно каква е ситуацијата. Тука сум, ќе играм колку треба и ќе играм колку ми е речено“.