
Скопје се откажа од организација на финалето во новото натпреварување на УЕФА
УЕФА уште во декември отвори процес за кандидирање за организација на фималињата во првите две сезони во новата Конференциска лига, а Скопје покажа интерес заедно со уште три градови и сега како што стојат работите, најверојатно првото финале ќе се игра во соседна Албанија на новиот стадион „Ер Албанија“ во Тирана.
Грчки „Спорт 24“ објави дека Скопје и Сент Етјен веќе се откажале од идејата за да добијат едно од финалињата во 2022 или 2023 година, а сега и грчката фудбалска федерација (ЕПО) сериозно размислува да се повлече од трката за организација, па така Тирана ќе остане сама во таа битка и веројатно ќе добие организација на едно финале.
Засега нема детали зошто Скопје се откажал од идејата за ново финале, дали епидемијата од коронавирус сериозно ја поткопале кандидатурата, па оттаму и повлекувањето од трката. Уште во втората половина од ноември лани, ФФМ побарала и добила согласност за кандидатура на главниот град за финале во Лига Европа 2 од град Скопје и од раководството на Националната Арена „Тодор Проески“.
До 9 септември техничката комисија на УЕФА требаше да ги евалуира понудите за организација и да ги посети сите градови, ама како што стои од Нион ќе треба сега да одат само во Тирана.
Европската Конференциска Лига е новото натпреварување во кое од идното лето ќе играат македонските клубови, наместо во досегашните квалификации за Лига Европа, која ќе се скрати од 48 на 32 клубови.