Шпанија ја освои Лига на нации, Модриќ (ќе) се пензионира без трофеј со Хрватска (ВИДЕО)

Репрезентацијата на Шпанија е третиот победник во историјата на Лигата на нации, откако по рововска борба, која траеше повеќе од 120 минути, во вечерашното финале во Ротердам ја совлада Хрватска дури по изведување пенали.

Регуларниот дел и продолженијата завршија без ниту еден гол, во тврда игра без многу шанси, по што победникот мораше да биде решен со удари од белата точка.

Херој во таборот на „црвената фурија“ беше голманот Унаи Симон, кој со пантерски скокови одбрани два пенали на „коцкестите“ и беше најзаслужен за успехот на својата селекција.

Ова беше исклучително емотивна вечер за хрватската селекција, со оглед што натпреварот, засега неофицијално, беше најавен како последен за Лука Модриќ во репрезентативниот дрес, поради што на стадионот имаше далеку повеќе навивачи со „шаховници“ во рацете со желба да го пензионираат својот херој со прв репрезентативен трофеј во кариерата.

Но, Хрватите немаа среќа, па ѕвездата на Реал Мадрид нема да може со трофеј од големо натпреварување да ja круниса 17-годишната репрезентативна кариера во која досега собра 165 настапи со 24 постигнати гола.

Пред Шпанија, победници во Лигата на нации беа Франција односно Португалија.