На цел Балкан полни трибини, само скопската Арена зјаеше празна! (ФОТО+ВИДЕО)

Екипата на Вардар синоќа, против составот на Ла Фиорита (3-0) од Сан Марино, го одигра првиот европски меч по пауза од седум години, но тоа не се покажа како доволен предизвик за вљубениците во спортот да дојдат во поголем број за да им дадат поддршка на фудбалерите на најтрофејниот македонски спортски колектив.

На трибините на скопската Арена се најдоа нешто повеќе од 3.000 гледачи, што беше далеку под очекувањата за барем приближно исполнување на стадионот, нешто што беше видено на неодамнешниот хуманитарен дуел против Црвена Звезда. Најверните навивачи „Комити“ беа во елемент и дојдоа во очекувано голема бројка, но потфрли т.н. обична публика, која пропушти можност пријатната летна вечер да ја мине на „Југ“. Многумина велат дека причина за тоа е играњето во јули, време кога многумина се на годишни одмори, но сликите и видеата од регионот потврдуваат дека тоа не може да биде изговор за ужасната посета.

За разлика од кај нас, во БиХ беа одиграни две средби од Конференциската лига и на двете стадионите беа исполнети речиси до крај. Жељезничар на својата „Грбавица“ одигра нерешено со словенечки Копер (1-1), меч кој беше следен од максимални 13.000 гледачи, додека слично беше и во Бања Лука, каде што ужасот на домашниот Борац против Санта Колома (1-4) го видоа 8.000 фудбалски фанови, што е за малку под капацитетот на арената.

Дури ни фактот што Вардар играше против неатрактивен тим од Сан Марино паѓа во вода, ако се знае дека Борац го наполни стадионот имаше противник од идентично неатрактивната Андора. Повеќе публика, гледано процентуално во однос на капацитетот, имаше и на средбите на црногорските тимови Дечиќ против Силекс (2-0) односно на Сутјеска против Динамо Брест (1-2).

Ваквите споредби би требало да ги подразбудат македонските фудбалски фанови, со цел Вардар да има далеку поголема поддршка од трибините на мечот од второто квалификациско коло од Конференциската лига, каде што реално би требало да се најде со оглед на убедливата предност од првиот меч во Скопје.