Интересна статистика го прави ПСЖ фаворит во финалето со Интер

Вечерва во Минхен се игра финалето од Лигата на шампионите по кое Европа ќе го добие новиот фудбалски владетел.

Иако никој не може да предвиди кој ќе ја освои титулата, неколку интересни статистички показатели од минатото, на хартија го прават ПСЖ фаворит за трофејот. На пример, финалните натпревари во Минхен низ историјата секогаш давале нови освојувачи на пехарот, а тоа во денешниот случај е ПСЖ кој досега не триумфирал во Лигата на шампионите, за разлика од Интер кој има титули од 1964, 1965 и 2010 година.

Досега се играле три финалиња во Минхен од кои две на Олимпискиот стадион и едно на Алијанц арената каде и вечерва ќе се одржи последниот меч од сезоната. Во 1979 година триумфираше Нотингем Форест, во 1993 година победи Марсеј, а последното е од 2012 година кога славеше Челси. За сите три екипи, тоа беше прв успех во историјата. Уште еден интересен факт е тоа што во 1993 година, во финалето во Минхен се сретнаа најголемите ривали на ПСЖ и Интер, Марсеј и Милан и тогаш славеше францускиот клуб.

Освен ова, постои уште еден куриозитет врзан со финалните натпревари претходните години. Секогаш на нив триумфирал тимот кој формално се водел како домаќин што вечерва е случај со ПСЖ. „Домаќинството“ на финалните натпревари не носи никаква предност и се користи за организациски и логистички цели, како и тоа кој може да биде со каква гарнитура дресови ќе настапи, но сепак традицијата во овој случај е интересна. Последниот „гостин“ на финален меч што се закитил со титулата е Баерн кој во 2013 година ја победи Борусија Дортмунд со 2-1.