
Француски новинар измисли хрватски фудбалер за да го понижи Дешамп, селекторот се снајде (ВИДЕО)
Франција загуби со 0-2 од Хрватска пред три дена во Сплит, па вечерва ќе мора да брка негатива и тоа е еден од најлошите резултати во долгогодишната работа на Дешамп за што доби низа критики. Што се однесува до провокациите, еден новинар измиски хрватски фудбалер за да го збуни понижи Дешамп, но не успеа во тоа бидејќи селекторот добро се снајде.
„Видовме дека Хрватска доста ротираше на претходните натпревари со Крамариќ, Матановиќ, Петковиќ, Перишиќ... Не се плашите дека вечерва би можел да заигра младиот Балеглавиќ? Дебитант е, но игра одлично во 2025 година. Имате ли план како да го запрете“, праша францускиот новинар кој работи за телевизијата ТМЦ.
Фудбалер со презиме Балеглавиќ во хрватската репрезентација не постои, туку станува збор за смислена провокација со игра на зборови. Како што објаснуваат француските медиуми, фразата „bats les glaouis“ е жаргонска и во буквална смисла означува удар во тестисите, но се користи како израз за нанесување болка, односно посрамотување. Дешамп, сепак, коректно одговори.
„Ги знаеме сите противници. Ако вие знаете кој ќе заигра за Хрватска, тоа ме интересира, јас ќе дознаам дури вечерва (синоќа н.з.), но ги следиме противниците, сите кои се на списокот можат да се најдат на теренот“, одговори селекторот на Франција.
Реванш натпреварот од Лигата на нациите, меѓу Франција и Хрватска се игра вечерва од 20:45 на стадионот Сен Дени.