
Белами: Знаеме низ што поминува Македонија, целиот Велс жали со вас!
Велс утре ѝ гостува на Македонија во меч од второто коло од квалификациите за Светското првенство 2026.
На денешната прес конференција на Велс се појавија селекторот Крег Белами и фудбалерот Пет Дејвис.
„Прво сакам да изразам сочувство до семејствата на жртвите во трагедијата во Македонија. Знаеме низ што поминува земјата и целиот народ, ние во Велс сме имале многу трагедии, па сакам во името на целиот Велс да кажам дека жалиме со вас поради ситуацијата. Тешко е во ова време да се зборува за фудбал. Македонија е голем предизвик. Ми се допадна нивниот меч против Хрватска, контрите им се силна страна, утрешниот меч ќе биде интересен“, вели Белами.
И фудбалерот Пет Дејвис ги посочи контрите како силна страна на Македонија.
„Како тим разговаравме за ситуацијата во Македонија и покажавме голема почит. Ние имавме добар старт на квалификациите, победивме против Казахстан, но имаме работи кои треба да ги поправиме и се надевам дека ќе одиграме подобро во Скопје. Ја анализиравме Македонија, имаат добар тим кој има добри контри“, рече Дејвис.