Не дебитираше за Англија поради повреда, а сега може да заигра за Конго

Десниот бек на Вест Хем, Арон Ван-Бисака како што стојат работите е се поблиску да ја промени репрезентацијата и во иднина да го носи дресот на селекцијата на ДР Конго. 

Иако е роден во Лондон и ги мина сите младински категории со дресот на Англија, Ван-Бисака никогаш не дебитираше во сениорскиот повик. Имаше дури и повик во 2019 година по добриот старт со Манчестер јунајтед кој за него плати 55 милиони евра, но поради повреда не можеше да настапи на тој натпревар. Подоцна никогаш повторно не беше повикан.

Сега, дефанзивецот се најде на поширокиот список на селекцијата на ДР Конго за претстојните пријателски натпревари против Мали и Мадагаскар, закажани на почетокот од јуни. Африканската федерација веќе подолго време се обидува да го привлече Ван-Бисака, а досега тој ги одбиваше поканите, меѓутоа сега најавите се поинакви.

Конго се наоѓа во одлична форма, не само што се пласира на Африканскиот куп на нации што ќе се одржи во Мароко на крајот од годинава, туку и е лидер во својата квалификациска група за СП 2026, со 13 бодови по шест одиграни кола, пред фаворитот Сенегал.

Фото: Manchester United/X