Почина еден од најтешките кошаркари во историјата на НБА – на само 43 години!

Поранешниот американски кошаркар, Мајк Свитни, кој беше дел од славната НБА драфт-генерација во 2003 година, почина ноќеска во 43-тата година од животот.

Тажната вест го потресе светскиот кошаркарски свет, додека официјалната причина за неговата прерана смрт засега не е соопштена во јавноста. Свитни пристигна во најсилната кошаркарска лига на светот со огромни очекувања по одличните настапи за Универзитетот Џорџтаун, каде што беше една од најголемите ѕвезди во колеџ-кошарката. Тој беше избран како деветти пик од страна на Њујорк Никс во една од најславните генерации во историјата, веднаш зад имињата како Леброн Џејмс, Дарко Миличиќ, Кармело Ентони, Крис Бош и Двејн Вејд.

Неговата авантура во НБА, сепак, не се одвиваше според предвидувањата. По две поминати сезони во Њујорк, беше испратен во Чикаго Булс, а неговата НБА кариера заврши веќе во 2007 година. Вкупно одигра 233 натпревари во лигата, од кои 73 како стартер, остварувајќи просек од 6,5 поени и 4,5 скокови по натпревар. Еден од најголемите проблеми во кариерата на Свитни беше неговата телесна тежина, која го спречи да го реализира својот огромен потенцијал.

Со висина од 203 сантиметри, во еден момент од кариерата неговата тежина наводно достигнала до речиси 158 килограми, поради што се вбројува меѓу најтешките НБА кошаркари во 21-от век. По заминувањето од НБА лигата, тој се обидуваше да ја оживее својата кариера преку развојната лига и ангажмани надвор од САД, играјќи професионално сè до 2017 година.