Пола Европа го посакува првенството кое и Македонија сака да го организира!

Македонија е една од единаесетте национални федерации кои изразиле официјален интерес за организирање на машките и женските Европски првенства во ракомет во 2034 година, откако во средата истече рокот за испраќање писма со интерес до Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Натпреварувањето во машка конкуренција е закажано во периодот од 10 до 29 јануари 2034 година, а интерес за организација покрај нашата земја изразиле Австрија, Хрватска, Данска, Луксембург, Холандија, Србија, Словенија, Шведска и Турција. РФМ заедно со другите кандидати има рок до 1 март следната година да поднесат официјална понуда. Веќе претходно, челниците на ракометот во Македонија, Србија и Словенија договорија заеднички да понудат организација на ова ЕП, со договор две групи да се одиграат во нашата земја, а финалната фаза во Белград.

Понудите потоа ќе бидат детално евалуирани, а организацијата на ЕП 2034 ќе биде доделена на Конгресот на ЕХФ, кој ќе се одржи на 18 септември 2027 година во Љубљана. Како значаен новитет, според претходната одлука на Извршниот комитет на ЕХФ, континенталните собири во 2034 година за првпат ќе вклучуваат четвртфинални натпревари како дел од стандардниот распоред.

Женскиот шампионат, пак, ќе се одржи од 28 ноември до 17 декември 2034 година, а кандидати за домаќинство се Данска, Фарски Острови, Луксембург, Холандија и Шведска.