УЕФА номинира кандидат за претседател на ФИФА - Инфантино добива сериозен ривал

Европскиот фудбал се обедини околу нов кандидат за претседател на ФИФА. Националните асоцијации чии претставници се членови на Извршниот комитет на УЕФА и Советот на ФИФА едногласно му дадоа поддршка на претседателот на Француската фудбалска федерација, Филип Диало да влезе во трката за прв човек на светската фудбалска организација.

На состанокот одржан денеска, со кој претседаваше претседателот на УЕФА, Александер Чеферин европските претставници го поканија Диало да се кандидира на изборите за претседател на ФИФА во март 2027 година. Французинот ја прифатил поканата, а неговата кандидатура треба официјално да биде потврдена од Извршниот комитет на Француската фудбалска федерација на утрешниот состанок.

Оваа одлука претставува јасен сигнал дека Европа сака промени во раководењето со светскиот фудбал, особено по сè погласните критики за начинот на кој функционира ФИФА под водство на Џани Инфантино. Европските асоцијации побарале враќање на единството и довербата, повисоки стандарди на управување и поголема посветеност на развојот на фудбалот во сите делови од светот.

Диало (63) има богато искуство во фудбалската администрација. Претходно ја предводел организацијата што ги застапува професионалните фудбалски клубови во Франција, бил член на раководството на француската професионална лига, а работел и во структурите на ФИФА задолжени за решавање спорови. Претседател на Француската фудбалска федерација е од 2023 година, а истата година стана и член на Извршниот комитет на УЕФА.

Негов противкандидат ќе биде актуелниот претседател Џани Инфантино, кој се подготвува за нов мандат. Француската федерација уште во септември официјално ја повлече поддршката за неговиот реизбор, оценувајќи дека довербата во актуелното раководство е нарушена. Една од причините за незадоволството беше и контроверзниот план за формирање комерцијална компанија преку која би се управувало со дел од комерцијалните права на ФИФА, вклучително и оние поврзани со Светското првенство.

Изборите за претседател на ФИФА ќе се одржат на 18 март 2027 година во Рабат, Мароко. Дијало сега добива силна почетна позиција со едногласната поддршка од европските претставници, но останува да се види дали ќе успее да обезбеди поддршка и од другите континентални конфедерации и да ја загрози позицијата на Инфантино.