Андреева во Индијан Велс доби Мерцедес од 170.000 евра, а не може да го вози (ВИДЕО)

Ако наградата од 3.370.000 долари за титулата на Мастерсот во Индијан Велс заврши во вистински раце, тоа не може да се каже и за втората награда, луксузниот „Мерцедес АМГ СЛ 55“.

Имено, 19-годишната Мира Андреева одигра фантастичен турнир и заслужено стигна до трофејот, но има еден проблем – нема положено возачки испит!

„Овој автомобил ќе ми биде дополнителна мотивација конечно да добијам возачка дозвола. Сигурна сум дека наскоро ќе можам сама да го возам. Или барем повремено ќе седнам зад воланот и ќе ја притиснам сирената“, низ смеа изјави младата руска тенисерка.

Андреева, која живее и тренира во Ница, има и резервен план доколку не успее да ја добие возачката дозвола.

„Ако не успеам да положам, има кој да ме замени. Луѓето од мојот тим можат да возат, па јас ќе бидам принцеза на совозачкото седиште. И тоа е опција“, порача Андреева.

Вредноста на спортскиот автомобил е околу 170.000 евра, но тоа е само дополнителен бонус за младата тенисерка. Досега таа има заработено речиси 15 милиони долари од тенисот, а најголемите успеси допрва се очекуваат.

Со оглед на тоа што има само 19 години и веќе го привлекува вниманието со својот позитивен имиџ, нема сомнеж дека интересот на спонзорите за неа дополнително ќе расте.

Интересно е и тоа што Андреева веќе во јануари би можела да се најде на првото место на ВТА-листата.