Червар: Знам дека сите сакате многу, но одиме чекор по чекор – ќе биде тешко со Германците!

Екипата на Пелистер ја очекува еден од најважните натпревари во досегашниот тек на сезоната во Европската лига на ЕХФ. Македонскиот вицешампион во Битола ќе го пречека германскиот Гумерсбах, а победата е императив доколку битолчани сакаат да ги задржат шансите за пласман во следната фаза.

По три одиграни кола, Пелистер има само еден освоен бод и се наоѓа на последното место во групата, па нов кикс дополнително би ја искомплицирал ситуацијата.

Пред важниот дуел се огласи тренерот Лино Червар, кој побара максимална борбеност од своите ракометари, но истовремено им се заблагодари на навивачите за трпението и поддршката.

„Ја користам приликата да ѝ се заблагодарам на публиката за трпението. Знам дека сите би сакале многу, но мислам дека мораме да одиме чекор по чекор. Тежок ќе биде натпреварот. Германците доаѓаат без Рогановиќ, но и без него се силна екипа која може рамноправно да игра со секого. Гумерсбах има многу квалитетни играчи од цела Европа. Во Бундеслигата настапуваат врвни ракометари и нема да биде лесно. Можеби тие се фаворити, но ние мораме да покажеме волја и желба. Борбата и посветеноста мора да бидат на највисоко ниво“, порача Червар.

Свесен за квалитетот на противникот е и младиот кружен напаѓач Самоил Ристевски, кој верува дека Пелистер може да стигне до посакуваниот резултат пред домашната публика.

„Мислам дека не треба да си ставаме никаков притисок за овој натпревар. Тука, во нашата сала, пред нашите гледачи, секогаш ќе го даваме максимумот и секако дека се стремиме кон најдобар можен резултат против Гумерсбах. Оваа екипа игра во најсилната лига во светот и е меѓу најдобрите тимови во Бундеслигата. Имаат многу повеќе добри отколку лоши страни, но ќе се обидеме да ги пронајдеме нивните слабости и максимално да ги искористиме. Дојдете во што поголем број, тоа многу ни значи. Ветувам дека ќе играме на победа против Гумерсбах“, порача Ристевски.

Натпреварот во Битола е закажан за утре со почеток од 20:45 часот