Против Словенија имаме подобар скор - со помош на традицијата до радост на нацијата!

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје ќе го одигра својот последен натпревар од Лигата на нациите и тоа против Словенија (20.45 часот) против која по деветти пат ќе ги одмериме силите.

Меѓусебната статистика покажува дека традицијата е апсолутно на страната на „црвено-жолтите“, кои на осумте досегашни средби имаат четири победи, две ремија и само два порази, со позитивна гол-разлика од 13-9. Историјата на пресметките меѓу овие две селекции има посебно значење за македонскиот фудбал. Приказната започна на 13 октомври 1993 година во Крањ, кога Македонија токму против Словенија го одигра својот прв официјален натпревар како независна држава и славеше со убедливи 4-1. Позитивната серија продолжи и на втората пресметка во Скопје во 1994 година со триумф од 2-0. Низ годините следеа неколку пријателски средби, меѓу кои победата од 3-2 во 2012 година, поразот од 0-1 во 2016 година и ремито (1-1) во 2021 година, непосредно пред историскиот настап на Македонија на ЕП 2020.

Посебна тежина имаа и натпреварите од квалификацискиот циклус за ЕП 2020, во кој Македонија на домашен терен славеше со 2-1 (10 октомври 2019 година, што е и последен триумф против овој ривал), додека реваншот во Љубљана заврши без победник (1-1). Сепак, последниот меѓусебен дуел одигран на 29 септември оваа година, во рамките на Б-сегментот од Лигата на нации ѝ припадна на Словенија, која на домашен терен забележа победа од 2-0.

Вечерва, пред домашната публика во Скопје, македонските фудбалери ќе имаат нова можност да ја продолжат позитивната традиција и со петта јубилејна победа против Словенците конечно да дојдат до првиот триумф во 2026 година.