Англија го најде лекот за „фуријата“: По 43 натпревари без пораз - Шпанија загуби! (ВИДЕО)

Англија ја прекина неверојатната серија на Шпанија од 43 натпревари без пораз, совладувајќи ја со 3-2 во Мадрид во дербито од Лигата на нации. Гостите имаа убедлива предност од три гола, но по исклучувањето на Елиот Андерсон домаќините се вратија во игра и до последните моменти се обидуваа да избегнат пораз.

Англичаните го отворија резултатот во самиот финиш на првото полувреме. По прекршокот на Пау Кубарси врз Хари Кејн, судијата покажа на белата точка, а капитенот на гостите беше сигурен од пенал за водство од 1-0 во 45. минута.

 

Standings provided by Sofascore

 

На почетокот на вториот дел следуваше нов удар за Шпанците. Езри Конса во 53. минута одлично реагираше по корнерот на Деклан Рајс и со удар со глава ја затресе мрежата за 2-0. Само пет минути подоцна Англија стигна и до трет погодок. Џуд Белингам го проигра Бен Вајт, кој со прецизна завршница ја зголеми предноста на гостите.

Се чинеше дека натпреварот е решен, но исклучително важен момент се случи во 64. минута. Канса загуби топка, Елиот Андерсон го запре Ламин Јамал во шеснаесетникот, по што доби црвен картон, а Шпанија доби пенал. Микел Ојарзабал ја презеде одговорноста и во 65. минута намали на 1-3. Со играч повеќе, домаќините тргнаа во целосна офанзива и во 75. минута ја вратија неизвесноста. Ламин Јамал испрати одлична топка во шеснаесетникот, а Нико Вилијамс ја смести во мрежата за 2-3.

Тоа дополнително ги мотивира Шпанците кои со помошта од навивачите тргнаа во целосна офанзива иако 65 минути буквално ги немаше на теренот. Се редеа шанси пред голот на Трафорд, но до израмнување не дојде. Голманот на Лидс се претвори во херој на Англичаните бидејќи во судиското продолжение имаше две спектакуларни одбрани со кои спречи Шпанија да дојде до бод на овој меч.

Така, „фуријата“ го доживеа првиот пораз (да не е на пенали) по 22 март 2024 година кога исто така на домашен терен загуби од Колумбија. Двете репрезентации уште во претходното коло обезбедија пласман во четвртфиналето од Лигата на нации, двете завршија со по 15 бода и идентичен биланс во меѓусебните дуели (5-5), но Англија го освои првото место во групата поради подобрата гол-разлика.

 

Standings provided by Sofascore

 

На останатите натпревари вечерва, Белгија ја прегази Италија со 4-1 и ја елиминира од натамошниот дел на Лигата на нации, додека Франција рутински ја совлада Турција со 2-1.

РЕЗУЛТАТИ
Белгија - Италија 4-1
Франција - Турција 2-1
Хрватска - Чешка 2-1
Шпанија - Англија 2-3