Последна шанса за Македонија да дојде до победа во 2026 година...
Бројките доволно зборуваат за периодот низ кој минува националниот тим. Македонија е без победа на последните 13 натпревари, а последниот триумф го забележа на 7 септември минатата година, кога убедливо го совлада Лихтенштајн со 5-0. Оттогаш поминаа повеќе од 14 месеци, но репрезентацијата не успеа повторно да се израдува на победа.
Особено загрижувачка е реализацијата во актуелната година. На деветте досегашни натпревари во 2026, Македонија нема ниту еден триумф, забележа две ремија и седум порази, а постигна само еден гол, дело на Елмин Растодер на гостувањето против Шкотска, во последниот настап на нашата селекција, кој не беше доволен ниту за бод бидејќи домаќините славеа со 2-1.
Ниту настапот во Лигата на нации не донесе причина за оптимизам. Македонија ги загуби сите пет досегашни натпревари во групата, со гол-разлика 1-12, па пред последното коло е без освоен бод. Поразите од Швајцарија, Словенија и Шкотска ја оставија репрезентацијата во незавидна позиција и денешниот дуел е последна можност барем делумно да се поправи впечатокот од ова натпреварување.
Предизвикот е дополнително тежок ако се знае дека Словенија веќе ја совлада Македонија на првата меѓусебна средба во групата, со 2-0. Гостите доаѓаат со самодоверба од тој резултат, но и со императив да победат за да се задржат на второто место на табелата кое води во бараж за пласман во повисок ранг. Сепак, интересно е тоа што овој меч ќе биде петти меч на кој ќе ни гостува Словенија, а досегашниот биланс ни е речиси перфектен - три порази и едно реми. Евентуален триумф на Македонија вечерва би можел да ја зголеми самодовербата кај фудбалерите и тимот воопшто пред многу поважните квалификации за Европското првенство во 2028 година кои стартуваат во март.
Натпреварот Македонија – Словенија се игра вечерва со почеток во 20:45 часот, а ќе ја води холандска судиска постава, на чело со Сердар Гозубујук.