Албанија му даде неколку секунди на Фетаи, само за да го „резервира“ и да не заигра за Македонија!

Младиот и талентиран фудбалер Фета Фетаи дебитираше за сениорската селекција на Албанија во победата од 2-0 над Белорусија во последното коло од Лигата на нации. Селекторот Роландо Маран го внесе во игра во 90. минута, кога го замени Кристијан Аслани, а со тоа го остави без шанса да го облече дресот на Македонија.

Фетаи е роден во Скопје, во Чаир, а првите фудбалски чекори ги направи во Шкупи, каде што помина осум години. Потоа се пресели во Работнички, каде што доби шанса и за сениорскиот тим, за потоа во 2023 година да направи трансфер во хрватска Локомотива Загреб.

Тоа што е особено важно е дека Фетаи претходно го носеше и дресот на младинските репрезентации на Македонија, и тоа за селекциите до 18 и до 19 години. Сепак, во 2024 година ја прифати поканата на Албанија, прво настапуваше за селекцијата до 21 година, а потоа доби и повик во сениорскиот тим.

Денешниот настап против Белорусија беше негов прв за сениорската репрезентација. Иако доби минимална минутажа, сепак селекторот Маран со овој потег го „резервира“ Фетаи и го остави без шанса да заигра за Македонија.

Фото: fshf.org