„Ла Лига стана најздодевна во Европа - виновни за тоа се Реал, Барса и Атлетико!“

Тренерот на Севиља, Луис Гарсија Пласа, упати отворени критики за огромната разлика во квалитетот помеѓу водечките тимови и остатокот од конкуренцијата во шпанското фудбалско првенство, истакнувајќи дека апсолутната доминација на најголемите клубови ја направила Ла Лига прилично здодевна.

Според неговите анализи, водечката тројка игра на ниво кое е недостижно за останатите екипи.

„Гледам дека трите водечки екипи, Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, одржуваат превисоко ниво. Пред некој ден правев одредени проекции и се чини дека со ова темпо ќе освојат околу 90 бодови. Разликата е огромна, бидејќи имаме лига во која Реал и Барса имаат апсолутна предност. Атлетико е малку зад нив, но сè уште е далеку пред екипата што го зазема четвртото место“, изјави Гарсија за угледниот весник „Марка“.

Искусниот 53-годишен стратег додава дека веднаш зад големата тројка се наоѓаат Бетис, Вилјареал, Атлетик Билбао и Реал Сосиедад, додека останатите тимови се на значително пониско ниво, што дополнително придонесува за монотонијата во Примера. Сепак, неговата Севиља, која по 12 одиграни кола се наоѓа на шестата позиција на табелата со 18 освоени бодови, има јасна цел за оваа сезона и покрај сите проблеми.

„Конкуренцијата тука ќе биде многу силна. Се надеваме дека ќе избориме пласман во европските натпреварувања, бидејќи тоа би било вистинска награда за добрите резултати. Многу е тешко да се игра на три фронта, ви треба широк играчки кадар, а немате многу време за тренинзи. Но, пласманот во Европа би значел дека сме имале одлична сезона“, потенцираше тренерот на андалузискиот клуб.

Зборувајќи за очекувањата кои ја следеа екипата пред почетокот на сезоната, Гарсија отворено призна дека клубот се соочувал со сериозни предизвици при формирањето на ростерот во текот на летниот преоден рок.

„Екипата имаше сериозен недостаток на играчи, но и покрај тоа остваривме одлични резултати. Засега сме на вистинскиот пат и остануваме скромни. Нема сомнеж дека сме еден од најголемите клубови во Шпанија, но екипата сè уште го нема достигнато потребното ниво и мора да дадеме сè од себе за да го постигнеме тоа. Во оваа лига, доволна е само една победа за значително да се напредува на табелата“, заклучи Гарсија Пласа.