Модриќ е феномен - го израмни рекордот на Меси, пред него остана само уште Роналдо!
Неговата статистика зборува сама за себе – забележа 91-отсто успешност на додавањата, три клучни проигрувања и доби пет од вкупно шест дуели, што беше повеќе од доволно светските медиуми одново да пишуваат фалбоспеви за неговата физичка подготвеност и фудбалска интелигенција. Токму на овој дуел против Чешка, фудбалерот на Милан стигна до ново неверојатно достигнување во својата блескава кариера - 208. настап во дресот со државниот грб, со што се израмни со Лионел Меси по бројот на одиграни натпревари за националниот тим.
На вечната листа пред хрватскиот маестро сега се наоѓа само уште еден фудбалер. Апсолутен лидер според бројот на репрезентативни настапи останува Кристијано Роналдо, кој има одиграно 234 натпревари за селекцијата на Португалија. Иако достигнувањето на португалскиот ас во овој момент изгледа недостижно, бидејќи би значело дека Модриќ треба да продолжи да игра за Хрватска и по ЕП 2028 година (што е тешко за очекување), сепак, последниот збор околу крајот на својата репрезентативна кариера ќе го има токму легендарниот хрватски капитен.