Историја за Македонија: Нашите надежи блеснаа на Младинските олимписки игри - паднаа и лични рекорди!
Македонија на овие Игри партиципираше со седумчлена делегација, од кои тројца млади натпреварувачи кои ја претставуваа државата во атлетика, пливање и триатлон, во силна конкуренција на 2.655 спортисти од 204 национални олимписки комитети. Највисок пласман од македонските претставници оствари атлетичарката Ева Митевска, која успеа да се пласира меѓу осумте најдобри млади спринтерки на Игрите. Таа го освои осмото место во финалната трка на 100 метри, притоа истрчувајќи одлично време од 12,28 секунди, што воедно претставува и нејзин нов личен рекорд и потврда за континуираниот напредок.

Во пливачките натпревари, Петар Цеков го освои 21-то место во генералниот пласман во дисциплината 400 метри слободно со време од 4:10,60 минути. За жал, неговата примарна дисциплина и најсилен адут, трката на 800 метри слободно, мораше да биде откажана од страна на организаторите од безбедносни и здравствени причини поради невообичаено високата температура на водата во базенот. Историски настап забележа и Марио Брезовски, кој како прв македонски триатлонец кој обезбедил норма за Младинските олимписки игри, го заврши спринт триатлонот на 24-тото место со време од 59:06 минути. Тој остави особен впечаток во пливачкиот сегмент, од кој излезе како првопласиран пред сите останати светски конкуренти.

Шефицата на македонската делегација, Елена Зисовска Апостолска, не го криеше задоволството од дисциплината и односот на младите спортисти, потенцирајќи дека финалето на Митевска, настапот на Цеков во изменети околности и историското учество на Брезовски се три подеднакво важни приказни за иднината на македонскиот спорт. Зад успешните настапи стоеше и посветениот стручен тим составен од тренерите Божурка Ѓошевска (атлетика), Горан Стаменов (пливање) и Данчо Ѓорѓијевски (триатлон).
ФОТО: IOC OIS/Joel Marklund
