Скопје врие како некогаш - одамна вака не се чекала „војната“ меѓу МЗТ и Работнички!
Причина за тоа се добрите игри на „центарци“, кои по многу години се лидери на табелата без ниту еден пораз, што ја разбуди навивачката база и придонесе вечната пресметка да се чека со огромно нетрпение. МЗТ Скопје, пак, досега забележа пет триумфи и само еден пораз, што му дава огромна тежина на овој дуел – „штрковите“ пред своите навивачи ќе имаат идеална можност да му го нанесат првиот пораз на лутиот ривал и да му ја преземат челната позиција во првенството.
Статистичките показатели најавуваат вистински спектакл и квалитетна кошарка. Работнички во досегашниот дел од сезоната демонстрираше сериозен напаѓачки потенцијал со 511 постигнати поени (просек од над 85 по натпревар) и 464 примени кошеви. МЗТ Скопје, пак, постигна нешто помалку поени (468), но затоа може да се пофали со значително поцврста одбрана, допуштајќи им на противниците само 423 поени.
Кога станува збор за поновата историја на меѓусебните пресметки, традицијата е апсолутно на страната на клубот од Аеродром. Во последните 16 вечни дербија, МЗТ има забележано неверојатни 15 победи. Последниот меѓусебен дуел одигран на 29 март оваа година им припадна на „сино-белите“ со 97-93 по одигрување на продолжение, а претходно славеа и со убедливи 100-69 на домашен терен, како и со 90-72 на гостински паркет во декември 2025 година.
Градското дерби, сепак, секогаш има свои посебни правила, а фактот што Работнички по долго време влегува како непоразен лидер во оваа фаза од првенството е гаранција за извонредна атмосфера и вистински кошаркарски празник во Скопје.