Не е само обичен фудбалер: Халанд доби награда за промоција на книгите во Норвешка

Норвешкиот репрезентативец и напаѓач на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, ја доби престижната награда „Пријател на годината“ од страна на Норвешката асоцијација на библиотекари, како признание за неговиот извонреден придонес во промоцијата на книгите и културата на читање.

Поради професионални обврски, фудбалерот не можеше лично да присуствува на церемонијата, па наградата во негово име ја примија неговите помлади сестри, 12-годишната Нора и 14-годишната Софи. Притоа, Халанд до публиката се обрати преку видео-порака во која ја нагласи важноста на образовниот систем.

„Да живеат писателите, наставниците, учениците, училиштата и книгите. Сите тие заедно сочинуваат важна тимска работа“, истакна Халанд во своето обраќање.

Покрај признанието, посветеноста на Халанд кон пишаниот збор неодамна доби и историска димензија, откако тој ја купи најскапата книга во историјата на својата земја. Станува збор за првото печатено норвешко издание на „Кралевите саги“ од исландскиот хроничар и поет Снори Стурлусон, културна реткост за која напаѓачот издвои 120.000 евра. Истовремено, тој активно инвестира во локалната заедница преку донации за библиотеката во неговиот роден град Брин, но и преку спонзорирање на натпревар по читање во основно училиште во покраината Рогаланд.

Како главна мотивација, победничкиот клас ќе биде негов гостин на натпревар на норвешката репрезентација во Осло, при што фудбалерот лично ќе ги покрие сите трошоци за превоз, сместување и престој на учениците.

„Имам силна врска со Брин и купувањето на споменатата книга е мој подарок за тоа. Никогаш не сум бил премногу заинтересиран за читање и многу ми е жал за тоа. Сега разбирам колку е важно тоа на млада возраст, во времето кога се раѓаат соништата“, објасни норвешкиот ас.