Атрактивна тенисерка минува низ пекол: Ми се закануваат со силување поради утнати ливчиња!

Најдоброрангираната германска тенисерка, Ева Лис, која на 23-годишна возраст ги доживува најуспешните денови во својата кариера со влез меѓу најдобрите четириесет играчи во светот, паралелно се соочува со мрачната страна на популарноста.

Нејзиниот спортски подем е проследен со континуирано интернет-насилство, смртни закани и физичко прогонување во реалниот живот, при што главниот извор на омраза доаѓа од страна на фрустрирани спортски обложувачи. Иако стручњаците за односи со јавноста првично ѝ советувале да ги игнорира нападите, младата тенисерка одлучи јавно да проговори за проблемот со кој се соочува, истакнувајќи дека луѓето бараат да им ги врати парите што ги изгубиле во кладилниците.

„Пораките се движат од тоа дека си ѓубре и навреди на сметка на изгледот, па сè до уште полоши работи. Имаше закани по живот, а некои пишуваа дека сакаат да ме нападнат и силуваат. Тоа е целосно болно. Нема што не прочитав. Омразата пристигнува по секој натпревар, би можела книги да напишам за тоа. Ако за ова не се зборува, никогаш ништо нема да се промени. По секој пораз добивам илјадници пораки полни со омраза директно во моето сандаче“, открива Лис.

Освен виртуелното насилство, проблемот ескалирал и во реалниот свет, каде што младата спортистка се соочила со ситуации во кои опсесивни фанови физички ја следеле на турнирите. Поради овие трауматични искуства, таа во моментов соработува со Женската тениска организација (ВТА) за имплементација на нови безбедносни мерки.

„Неодамна морав да се справувам со прогонувачи кои успеаја да дојдат до адресите на местата каде што тренирам, хотелите, па дури и броевите на моите соби каде што влегуваа додека ме нема. Очигледно беа опседнати со мене. Тоа ја мина секоја можна граница“, раскажа германската тенисерка.

Проблемот со безбедноста во женскиот тенис добива на интензитет и кај другите врвни тенисерки. Ема Радукану беше следена од маж во Дубаи, Ига Швјонтек претрпе вербално малтретирање во Мајами, а Јулија Путинцева мораше да прекине натпревар на Вимблдон поради страв од гледач со нож. Како одговор на ова, ВТА воведе услуга базирана на вештачка интелигенција, па помеѓу јануари и октомври 2025 година откриени се околу 12.000 објави кои ги прекршуваат правилата, а петнаесетте најсериозни случаи се пријавени во полиција.