Македонија има голем предизвик, Велс во одлична форма гостува во Скопје

Македонската фудбалска репрезентација денеска со почеток од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе го пречека Велс во меч од второто квалификациско коло за пласман на Светското првенство во 2026.

Македонија долго време не знае за нешто друго освен победа, последен меч кој не сме го добиле беше дуелот против Фарски Острови во септември 2024 година.

Оттогаш врзавме шест победи без ниту еден примен гол, а Велс ни е првиот посериозен предизвик да се продолжи овој голем рекорд.

Во одлична форма е и Велс, тие немаат пораз на последните седум натпревари, четири од нив ги добија, а на три одиграа нерешено. 

Македонија и Велс досега имаат играно двапати, тоа беа квалификации за СП 2014 година. Ние ги совладавме во Скопје со 2-1, а загубивме на гостувањето со 1-0.

Благоја Милевски нема посериозни проблеми со повреди пред денешниот меч, најдобрите се подготвени да го дадат максимумот и да ја израдуваат Македонија во овој тажен период кога ретко на кој во нашата земја му е до спорт.

Крег Белами пак нема да може да смета на главната ѕвезда на Велс, Арон Ремзи кој е повреден, во аут од исти причини се и Итан Ампаду од Лидс и Хари Вилсон од Фулам.

Велс е селекција во чиј состав има повеќе фудбалери од Премиерлигата, а најискусниот кој сега ја има и капитенската лента е Бен Дејвис од Тотнем. Вреди да се споменат Вилијамс од Нотингем форест, Брукс од Борнмут, Ален од Свонси кој порано играше за Ливерпул, Мур од Шефилд Јунајтед кој е најдобар стрелец во овој состав на Велс со 13 голови.

Денешниот меч има и хуманитарен карактер, приходот од продажбата на влезниците ќе биде дониран за настраданите од трагедијата во Кочани. Вчерашните информации беа дека веќе се продадени 20.000 билети, па се очекува Националната арена „Тодор Проески“ да биде исполнета речиси цела.

Ќе има и велшки навивачи кои веќе се во Скопје, но македонските фудбалери ќе ја имааат поддршката од трибините која треба да ја искористат за да ја продолжат победничката низа и да дојдат до големи три бода против селекција која ни е главен конкурент за позициите кои водат на Светското првенство.