Фенер со луда тројка во последната секунда го расипа шоуто на Шортс во Истанбул (ВИДЕО)

Кошаркарите на Фенербахче дојдоа до драматична победа во вечерашниот дуел со Париз (101-100) во еден од највозбудливите натпревари во Евролигата оваа сезона.

Херој на турскиот тим беше Хејс-Дејвис, кој со тројка во последната секунда ја донесе победата на својот тим, со што го расипа шоуто на македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс, кој одигра извонредно. Парижани доминираа во најголемиот дел од натпреварот, имајќи двоцифрена предност повеќе од 20 минути. Гостите во последниот период водеа со 13 поени, но тогаш Фенербахче направи пресврт. Турците кратко беа во водство, но Шортс повторно го врати Париз напред со успешно положување на 2,5 секунди до крајот.

Сепак, последниот збор го имаше турскиот тим, кој преку прецизна акција по тајмаутот на Јасикевичиус дојде до решавачкиот кош. Шортс блескаше со 19 поени и 10 асистенции, но неговата одлична партија не беше доволна за триумф. Во редовите на Фенербахче најпрецизни беа Гудуриќ со 25 и јунакот Хејс-Дејвис со 19 поени.