Вардарци официјално испаднаа од Првата лига!

По две сезони во елитата, од идната сезона Вардар повторно ќе игра во понизок ранг откако денеска официјално ги загуби шансите за опстанок во Првата македонска кошаркарска лига.

Како домаќини во Кисела Вода, „црвено-црните“ загубија од Тиквеш со 77-94, па негативата што ја имаат во однос на ривалите е недостижна за нив до крајот на сезоната. Останува уште едно коло од основниот дел и шест од плејаутот, а Шкупи и Гостивар имаат по седум  бода повеќе со тоа што тие ќе играат два пати меѓу себе во разигрувањето за опстанок и една од нив мора да победи што ја прави невозможна мисијата на Вардар.

Вардар го отвори натпреварот со 11-0, Тиквеш одговори со 12-2 до прекинот, а по продолжувањето го презеде водството. Во последната минута од првата четвртина, водството првпат беше двоцифрено во корист на кавадарчани (22-12), Вардар успеа подоцна да се доближи на три поени негатива (33-36), но до крајот на полувремето Тиквеш отиде на големи 51-37.  Во вториот дел немаше неизвесност, Вардар само на моменти се спушташе на едноцифрена негатива, а по серијата од 9-0 во последниот квартал стана јасно дека гостите ќе си заминат со убедлив триумф.

Андерсон и Хил со по 21 поен беа најефикасни во победникчкиот тим, а Глигоријевиќ заврши со дабл дабл од 13 поени и 12 скока. Прв стрелец на Вардар беше Младеновски со 19 поени.