По повеќе од еден месец, Брегалница се израдува на победа во првенството

Брегалница стигна до третата сезонска победа во Првата македонска фудбалска лига, откако на домашен терен со минимални 1-0 го совлада Скопје во последниот натпревар на осмото коло.

Првото полувреме донесе малку вистински шанси и без голови се замина на пауза. Брегалница имаше нешто поголем офанзивен иницијатив, но одбраната на Скопје успешно ги одбиваше нападите.

Домашниот тим продолжи со притисок и во вториот дел, а Николов во неколку наврати се закани по голот на гостите. Кристијан Наумовски имаше неколку добри интервенции и го одржуваше Скопје во игра. Сепак, во 72. минута Брегалница го скрши отпорот. По брза контра, Максимов одлично асистираше, а Иван Глигоров со прецизен удар ја затресе мрежата за 1-0.

Скопје во финишот се обиде да стигне до израмнување, но домашната одбрана успеа да го сочува водството до последниот свиреж. За Брегалница ова беше прва победа во првенството по повеќе од еден месец, односно по 21 август кога го совлада Башкими со 2-0.