Надежите не го победија Азербејџан – судиите ни поништија два гола (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година денеска ремизираше против Азербејџан (0-0) во вториот контролен натпревар на подготовките во Турција.

Тимот на Горан Станиќ беше подобар ривал на теренот, но недостигаше ефикасна завршница за да се дојде до победа. Дуелот започна мирно, без многу шанси, а првата можност ја имаа Азербејџанците во 20. минута, кога македонската одбрана изблокира удар во корнер. Четири минути подоцна, противникот побара пенал, но судијата не реагираше. Македонија првата шанса ја имаше во 26. минута – Ѓорѓиевски нафрли, а Николовски шутираше со глава, но крај дирекот. Во 31. минута беше поништен погодок на Меличи поради прекршок, а неколку минути подоцна Трајков ја погоди мрежата, но судијата сигнализираше офсајд.

Во второто полувреме, најголемата можност за Македонија ја имаше Димитар Трајков во 59. минута, но неговиот удар го одбрани азербејџанскиот голман. Како што одминуваше времето, темпото на игра опадна, а двете репрезентации не успеаја да дојдат до гол.

Ова беше втор контролен натпревар за младата македонска селекција во Турција, откако претходно загубивме од Белорусија.