Ѓорческа поразена на стартот од турнирот во Мурска Собота

По одличниот настап на турнирот во Љубљана минатата недела, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа експресно го заврши своето учество во Мурска Собота.

Во првото коло, таа е совладана од Манон Ленард од Франција со 1-2 (7-6, 5-7, 2-6) за безмалку три часа борба. Мечот го одбележаа големиот број брејкови, во првиот и третиот имаше по четири, а во вториот дури девет што значи дека од вкупно 32 гема (без тај-брејкот во првиот сет), повеќе од половина (17) тенисерките освоија на сервис на противничката.

Ѓорческа и во такви услови добро се држеше, но не го издржа темпото и доживеа голем пад во играта во третиот сет што противничката знаеше да искористи и да дојде до победата.