Муслиу: Не ни е убаво кога нѐ навредуваат, сакаме секој да верува во нас, како што беше порано!
Дефанзивецот Висар Муслиу кажа дека ќе мора да делуваат заедно на теренот, од голманот па сè до напаѓачот ако сакаат да извлечат добар резултат.
„Швајцарија не е само офанзивна силна репрезентација, имаат квалитет од голман до шпиц. Утре ќе ни биде потребна тимска игра од напаѓач до одбрана. Сите мора да учествуваме дефанзивно, ако сакаме да бидеме успешни. Се наоѓаме во тешка ситуација, нема резултати, а сите ги очекуваа затоа што така го навикнавме народот. Мора да ставиме прст на глава, да видиме што правиме и како се однесуваме кон дресот. Лигата Б се знае дека е поквалитетна и од тимски план и од индивидуален план. Но, мора нешто да покажеме. Не смее само противникот да се прашува, треба и ние за нешто да одлучуваме.
Сите играчи знаат во каква ситуација сме, но не знам, можеби не е доволно она што го правиме од наша страна. Убеден сум дека сите што сме во соблекувалната, знаеме за каква ситуација се зборува. Мора да направиме нешто за да бидеме подобри. Ние сме професионалци и кога претставуваш држава, мораме на секој меч да се трудиме да бидеме подобри“, кажа Муслиу.
Муслиу посочи дека не е убаво тоа што слушаат навреди на нивна сметка по лошите настапи, но вети дека ќе се обидат да ја вратат довербата кај публиката.
„Ние сме луѓе, имаме емоции. Кога оди добро и никој ништо не кажува, е едно... Но, кога има толку навреди кон некого, не е убаво. Знаеме што се случува, не сме наивни, сега ни е најмногу потребна поддршката. Не е исто и за нас што немаме победа и гол, но мораме да гледаме напред. И критиките треба дс имаат една граница. Да не одат преку тоа. Но, не можеме тоа да го контролираме. Чекаме поддршка на секој меч и сакаме секој да верува во нас. Како што имавме добри резултати порано, можеме и на наредните натпревари, во квалификации, во Лига на нации, да бидеме подобри“, рече дефанзивецот.
Натпреварот меѓу Швајцарија и Македонија се игра утре од 20.45 часот.