Пелистерци лесно се справија со Прилеп - сега со сите сили ќе навиваат за Алкалоид!

Ракометарите на Пелистер вечерва како гости убедливо го совладаа Прилеп (35-22) во меч од последното коло од Супер-лигата, но исходот од утрешната пресметка Алкалоид и Охрид ќе одреди дали „зелено-белите“ ќе влезат во плејофот како првопласирани.

Доколку „фармацевтите“ дојдат до очекуваниот триумф, тогаш пелистерци ќе завршат како првопласирани со најдобра меѓусебна гол-разлика во пресметките со овој тим и Вардар, со кои ќе имаат ист број бодови (40). Но, ако Алкалоид неочекувано киксне, тогаш Вардар и Пелистер ќе бидат израмнети, но „црвено-црните“ ќе стартуваат со бод предност во плејофот поради подобар меѓусебен скор.

Битолчани доминираа во Прилеп, осигурувајќи ја победата уште во првото полувреме со 8-18. Големата разлика му овозможи на тренерот Алонсо да ротира во составот, а мечот заврши со плус 13 за гостите. Цветан Кузманоски со пет погодоци беше најдобар стрелец за Пелистер, додека капитенот Филип Кузмановски постигна четири. Кај Прилеп, Бикоски беше најефикасен со четири гола.