Скандалозно: ФИФА ги измамила навивачите - им продала најскапи карти, па им испратила поевтини!

Дел од навивачите кои купиле билети за Светското првенство наредното лето се чувствувааат измамени затоа што ФИФА без никакво известување направила промена во категориите на билетите.

Именоо, илјадници навивачи сфатиле дека добиле значително полоши места од оние што мислеле дека ги купиле. Во текот на есента и зимата, ФИФА ги продавала билетите за натпреварите на годинашното СП во четири категории, кои зависно од позицијата на стадионот имале различни цени.

Најскапи, логично, биле билетите од категорија 1, кои се наоѓаат покрај теренот и на првите нивоа на трибините. Односно, така мислеле навивачите кога за некои натпревари плаќале и по 1000 долари за еден билет, за потоа да сфатат дека нема да седат на „премиум“ места.

„Атлетик“ откри дека ФИФА, откако ги продала билетите за некои натпревари, едноставно префрлила одредени места од прва категорија во втора, а од втора во трета. Навивачите за тоа не биле известени, ниту им била вратена разликата во цената, па останале шокирани кога виделе што всушност купиле.

Исто така „Атлетик“ нагласува дека ФИФА дополнително ги променила мапите на стадионите што навивачите ги користеле како ориентација при купување билети. Причината за тоа е што организаторот очигледно подоцна дел од „премиум“ местата ги задржал за спонзори, ВИП гости и посебни пакети. Во новата класификација, некои билети од категорија 1 завршиле во сектори зад голот или во аглите на стадионот, поради што навивачите се одлучиле да реагираат и да се пожалат.

Сепак, за некои натпревари, како оној меѓу Нов Зеланд и Иран во Лос Анџелес, ФИФА го зголемила бројот на места во подобрите категории, бидејќи очигледно опаднал интересот на нивните гости за тој натпревар.

И додека навивачите најавуваат тужби и жалби до ФИФА, малку можат да направат. Имено, при купувањето билети навивачите ги прифатиле условите на ФИФА, во кои јасно стои дека „мапата на стадионот е од информативен карактер и не мора секогаш да ги означува вистинските позиции на стадионот“. Исто така стои дека организаторот „го задржува правото да го промени распоредот на местата на стадионот во било кое време, дури и на денот на натпреварот, ако се работи за иста категорија на купени билети“. Со други зборови, ФИФА се заштитила од можни тужби бидејќи сè е според правилата.

Фото: EPA